Меѓународни принципи за примената на човековите права во следењето на комуникациите Финална верзија од

 Translation by Dejan Georgievski, editor in Chief at Oneworldsee.org

10 јули 2013 година

И покрај напредокот на технологиите што им помагаат на државите да вршат следење на комуникациите, државите не успеваат да обезбедат законите и правилата поврзани со следењето на комуникациите да се придржуваат до меѓународните човекови права и да обезбедат соодветна заштита на правата на приватност и на слобода на изразување. Овој документ се обидува да објасни на кој начин меѓународните човекови права се применуваат во современата дигитална средина, особено во светло на развојот на расположливите технологии и техники за следење на комуникациите и на промените низ кои минуваат. Принципите наведени во овој документ им нудат на групите од граѓанското општество, индустријата, државите и други субјекти една рамка за оценување дали постоечките или предложените закони и пракси за следење се конзистентни со човековите права.

Овие принципи се резултат на еден процес на глобални консултации со групите на граѓанското општество, индустријата за комуникации и меѓународните експерти, за законите, политиките и технологијата за следење на комуникациите.

Преамбула

Приватноста е основно човеково право и таа има централно место во одржувањето на демократските општества. Таа е од суштинско значење за човековото достоинство и служи како основа за други права, како што се слободата на изразување и информирање, слободата на здружување, и е признаена и препознаена од меѓународното право за човековите права.1 Активностите за ограничување на правото на приватност, вклучително и следењето на комуникациите, можат да бидат оправдани само ако се пропишани со закон, ако се нужни за постигнување на законита цел, и се пропорционални на саканата цел.2

Пред интернет да се прошири во јавноста, воспоставените правни принципи и логистичките ограничувања што му се вродени на следењето на комуникациите поставуваа ограничувања за следењето на комуникациите што го врши државата. Во последните неколку децении, тие логистички бариери за следењето се намалија а примената на правните принципи во новите технолошки контексти стана нејасна. Експлозијата на дигитални комуникациски содржини и информации за комуникациите, таканаречени „комуникациски мета-податоци“ – информации за комуникациите или користењето на електронски уреди од страна на индивидуални лица, сѐ помалите трошоци на чување на големи количества на податоци, како и обезбедувањето на лични содржини при што како провајдери на услуги се јавуваат трети лица, овозможија следењето  од страна на државата да достигне ниво што никогаш претходно не е видено.3 Во меѓувреме, концептуализациите на постоечкото право за човековите права не можеа да држат чекор со модерните, постојано променливи способности за следење на комуникациите што ги има државата, способноста на државата да ги комбинира и организира податоците собрани со користење на различни техники на следење, или со растечката чувствителност на информациите до кои може да се пристапи.

Зачестеноста на барањата на државите за пристап до комуницираните содржини и комуникациските мета-податоци расте драматично и без соодветна контрола.4 Пристапот и анализата до комуникациските мета-податоци можат да доведат до создавање на профил на целиот живот на едно индивидуално лице, вклучувајќи ја и здравствената состојба, политичките и религиозните ставови, врски, интеракции и интереси, откривајќи исто толку, па дури и повеќе од деталите што се достапни од содржината на комуникациите.5 И покрај огромните можности за навлегување во животот на индивидуалното лице и ефектот на оладување што може да го имаат врз политичките и другите асоцијации, законодавните и политичките инструменти често на комуникациските мета-податоци им даваат пониско ниво на заштита и не поставуваат доволно ограничувања за нивното натамошно користење од страна на агенциите, вклучувајќи го и нивното пребарување, споделување и чување.

За државите целосно да ги исполнат своите обврски на полето на меѓународните човекови права поврзани со следењето на комуникациите, тие мора да се придржуваат до принципите наведени подолу. Овие принципи се однесуваат на следењето што државата го врши над сопствените граѓани и на сопствена територија, како и на екстериторијалното следење што го врши врз други луѓе.  Принципите исто така се применуват без оглед на целта на следењето – за спроведување на законите, за националната безбедност или некоја друга регулаторна намена. Тие исто така важат подеднакво и за обврската на државата да ги почитува и исполнува индивидуалните права, и за обврската да ги штити правата на индивидуите од злоупотреби од не-државни актери, вклучувајќи ги и корпоративните субјекти.6 Приватниот сектор сноси подеднаква одговорност за почитување на човековите права, особено знаејќи ја клучната улога што ја има во дизајнирањето, развојот и ширењето на технологиите; овозможувањето и обезбедувањето на комуникациите; и, таму каде што е потребно, соработката со државата во спроведувањето на следењето. Сепак, опсегот на овие Принципи и начела влегува во границите на она што се обврските на државата.

Промените во технологијата и дефинициите

Поимот „следење на комуникациите“ во современите околности ги опфаќа следењето, пресретнувањето, собирањето, анализата, употребата, чувањето и складирањето, попречувањето на пристапот или пристапот до информации што ги вклучуваат, ги одразуваат, произлегуваат или се во врска со комуникациите на едно лице во минатото, сегашноста или иднината.

Поимот „Комуникации“ ги вклучува активностите, интеракциите и трансакциите што се пренесуваат преку електронски медиуми, како што се содржината на комуникациите; идентитетот на субјектите што учествуваат во комуникацијата; информациите за следење на локацијата, вклучително и ИП адресите; времето и времетраењето на комуникациите; како и идентификаторите на опремата што се користи во комуникацијата.

Традиционално, инвазивноста на следењето на комуникациите се оценуваше врз основа на вештачки и формалистички категории. Постоечките правни рамки прават разлика помеѓу „содржина“ и „не-содржина“, „податоци за претплатникот“ или „мета-податоци“, чувани податоци или транзитни податоци, податоци што се чуваат дома или се во посед на трето лице како обезбедувач (провајдер) на услугата.7 Сепак, таквите разлики веќе не се соодветни за мерење на степенот на интрузивност на следењето на комуникациите во приватните животи и врски на индивидуите. Иако веќе подолго време постои согласност дека комуникациската содржина заслужува значителна законска заштита поради нејзината способност да открие чувствителни информации, денес е јасно дека другите информации што произлегуваат од комуникацијата – мета-податоците и другите форми на не-содржински податоци – можат да откријат и повеќе за индивидуата од самата содржина, па поради тоа заслужуваат подеднаква заштита. Денес, сите овие видови на информации можат, земени одделно или анализирани колективно, да го откријат идентитетот, однесувањето, врските, физичката или здравствената состојба, расата, бојата на кожата, сексуалната ориентација, националното потекло или ставовите на лицето; или можат да овозможат мапирање на локацијата, движењето и интеракциите во одреден период на едно лице8, или на сите луѓе што се наоѓаат на одредена локација, вклучувајќи ги и учесниците на  јавен протест или друг политички настан. Како резултат на погоре кажаното, сите информации што ги вклучуваат, одразуваат, произлегуваат или се однесуваат на комуникациите на едно лице, а кои не се лесно достапни за општата јавност, треба да се сметаат за „заштитени информации“ и, соодветно на тоа, треба да им се даде највисокото достапно ниво на законска заштита.

Во оценувањето на инвазивноста на државното следење на комуникациите, потребно е да се имаат предвид и потенцијалот на следењето да открие заштитени информации, како и целта и намената поради која државата ги бара таквите информации. Следењето на комуникациите што најверојатно ќе води кон откривање на заштитени информации што за лицето можат да значат опасност да биде подложено на истрага, дискриминација или повреди на човековите права, ќе се смета за сериозно нарушување на правото на индивидуата на приватност, а исто така ќе го наруши и уживањето на други основни права, вклучувајќи го и правото на слобода на изразувањето, здружувањето и правото на учество во политичкиот живот.  Тоа е затоа што овие права бараат луѓето да можат да комуницираат без да ги почувствуваат ефектите на застрашување и оладување што ги предизвикува следењето од властите. Оттаму, во секој поединечен и специфичен случај ќе треба да се определат и карактерот и потенцијалната употреба на бараните информации.

Кога се усвојува нова техника за следење на комуникациите или кога се шири опсегот на веќе постоечките техники, Државата би требало, пред да ја побара информацијата, да потврди дали информацијата што најверојатно ќе ја набави спаѓа во границите на „заштитените информации“, и треба да биде подложна на контрола од правосудството или други механизми за демократска контрола. Формата, опсегот и времетраењето на следењето се релеватни фактори при разгледувањето дали информацијата добиена преку следење на комуникациите го достигнала нивото на „заштитена информација“. Бидејќи длабокото и систематско следење има способност да открие приватна информација што далеку ги надминува нејзините составни делови, тоа може да го подигне нивото на следење на не-заштитени информации до ниво на инвазивност што бара поголема заштита.9

Определувањето дали Државата може да спроведува следење на комуникациите што би претставувало навлегување во заштитени информации мора да се спроведе во согласност со следните принципи и начела.

Принципи

Законитост

Секое ограничување на правото на приватност мора да биде пропишано со закон. Државата не смее да усвои или примени мерка што претставува мешање во правото на приватност во одсуство на постоечки јавно достапен законодавен акт кој ги почитува стандардите за јасност и прецизност која е доволна да обезбеди дека индивидуите ќе добијат претходно известување за следењето и ќе ја предвиди неговата примена. Со оглед на брзината со која настануваат технолошките промени, законите што го ограничуваат правото на приватност треба да бидат подложни на периодична ревизија, преку партиципативно законодавство или регулаторен процес.

Легитимна цел

Законите треба да дозволат само такво следење на комуникациите од соодветно Владино тело што е доволно за постигнување на легитимна цел која одговара на претежно значаен законски интерес нужен во едно демократско општество. Ниту една мерка не смее да се применува на начин што претставува дискриминација на основа на расата, бојата на кожата, полот, јазикот, верата, политичко или друго мислење, национално потекло или општествен статус, поседување имот, статус стекнат со раѓање или друг статус.

Нужност

Законите што го дозволуваат следењето на комуникациите од страна на Државата мора да го ограничат следењето само на активностите што се нужни за постигнување на легитимна цел, а државата тоа треба да го докаже и покаже. Следењето на комуникациите може да се спроведува само кога тоа претставува единствен начин за постигнување на легитимната цел, или, ако постојат повеќе различни средства, следењето е средство кај кое постои најмала веројатност дека ќе предизвика повреда на човековите права. Товарот на потврдување на таквото оправдување, и во правосуден и во законодавен процес, паѓа на Државата.

Соодветност

Секој случај на следење на комуникациите одобрен со закон мора да биде соодветен за постигнувањето на идентификувата легитимна цел.

Пропорционалност

Следењето над комуникациите треба да се смета за високо интрузивен чин што претставува мешање во правото на приватност и слободата на мислење и изразување, и закана за темелите на едно демократско општество. Одлуките за следењето на комуникациите мора да се носат со вагање на користа што треба да биде постигната наспроти штетата што може да биде предизвикана на правата на индивидуата или на други спротивставени интереси, и треба да ги земат предвид чувствителноста на информациите и силината на кршењето на правото на приватност.

Поточно, потребно е, ако Државата бара пристап до или можност за користење на заштитени информации добиени преку следење на комуникациите во контекст на кривична истрага, таа на надлежното, независно и непристрасно правосудно тело да му докаже дека:

  1. Постои голема веројатност дека е сторено, или ќе биде сторено, тешко кривично дело;
  2. Дека со пристапот до бараната заштитена информација ќе се добијат докази за таквото кривично дело;
  3. Дека се искористени сите други достапни помалку инвазивни истражни техники;
  4. Добиените информации ќе бидат ограничени само на она за што разумно ќе се смета дека е релевантно за наводното кривично дело и дека сите останати собрани информации веднаш ќе бидат уништени или вратени на сопственикот; и
  5. До информацијата ќе пристапува само претходно наведено тело што ќе ги користи за целта за која било дадено одобрувањето.

Ако Државата бара пристап до заштитени информации преку следење на комуникации за цел која нема некое лице да доведе во опасност од кривично гонење, истрага, дискриминација или кршење на неговите човекови права, тогаш Државата треба на независното, непристрасно и надлежно тело да му докаже дека:

  1. се земени в предвид други достапни помалку инвазивни истражни техники;
  2. добиените информации ќе бидат ограничени само на тоа за кое разумно се смета дека е релевантно и дека сите останати собрани информации веднаш ќе бидат уништени или вратени на лицето на кое се однесува следењето; и
  3. до информацијата пристап ќе има само претходно наведено тело што ќе ги користи за целта за која било дадено одобрувањето.

Надлежно правосудно тело

Одлуките што се однесуваат на следењето на комуникациите мора да ги носи надлежно и компетентно правосудно тело што е независно и непристрасно во својата работа. Телото мора да биде (1) неповрзано со телата што го спроведуваат следењето на комуникациите, (2) запознаено со поврзаните прашања и компетентно за носење правосудни одлуки за законитоста на следењето на комуникациите, технологијата што се користи и човековите права, и (3) поседува соодветни ресурси за извршување на функциите што му се доделени.

Почитување на правата

Обврската за почитување на правата бара од Државите да ги почитуваат и гарантираат човековите права на индивидуата преку обезбедување дека законитите процедури што се применуваат при секакво мешање и допирање до човековите права се соодветно наведени во закон, нивната примена е конзистентна, и дека јавноста е запознаена со тие процедури. Поточно, во одлучувањето за нечии човекови права, сите луѓе имаат право на правичен и јавен распит, во разумен рок, пред независен, надлежен, компетентен и непристрасен суд основан со закон, освен во итни случаи кога постои непосредна опасност по животот на луѓето. Во такви случаи,1 мора да се бара ретроактивно одобрување за разумен и спроведлив временски период. Опасноста од бегство или уништување на доказите никогаш не смеат да се сметаат како доволно оправдување за ретроактивно одобрување.

Известување на корисникот

Индивидуалните лица треба да бидат известени за секоја одлука со која се одобрува следење на нивните комуникации, при што ќе им се даде доволно време и информации што ќе им овозможат да ја обжалат одлуката, и треба да имаат пристап до материјалите што биле поднесени како поддршка за барањето за одобрување. Одложување на известувањето може да се смета за оправдано само во следните околности:

  1. Известувањето сериозно би ја загрозило целта за која е одобрен следењето, или постои непосредна опасност по нечиј живот; или
  2. Одобрувањето за одложено известување било дадено од правосудно тело што било надлежно и компетентно во моментот на доделување на одобрувањето да се изврши следење; и
  3. Лицето на кое се однесува одлуката за спроведување следење е известено веднаш штом таа опасност е отклонета или во соодветен разумен рок, било кое од нив што ќе настапи прво, а во секој случај пред завршување на периодот за кој е одобрено следењето. Обврската за известување паѓа на Државата, но во случај Државата да не го направи известувањето, обезбедувачите на комуникациски услуги имаат слобода да ги известат засегнатите лица за следењето на комуникациите, доброволно или на барање.

Транспарентност

Државите треба да бидат транспарентни во поглед на користењето и обемот на техниките и овластувањата за вршење следење на комуникациите. Минимално, тие треба да објават збирна информација за бројот на одобрени и отфрлени барања, листа на барања поделена по обезбедувачи на услуги, како и по типот и целта на истрагата. Државите треба да им обезбедат на индивидуалните лица доволно информации што ќе им овозможат целосно да ги разберат обемот, природата и примената на законите што дозволуваат следење на комуникациите. Државите ќе им овозможат на обезбедувачите на услуги да ги објават процедурите што ги применуваат во државното следење на комуникациите, да се придржуваат до тие процедури, и да ја објават документацијата за државното следење на комуникациите.

Јавенна надзор

Државите треба да воспостават независни надзорни механизми што ќе обезбедат транспарентност и отчетност на следењето на комуникациите.2 Механизмите за контрола треба имаат овластување да им пристапат на сите потенцијално релевантни информации за дејствата што ги превзема Државата, вклучително, и таму каде што е соодветно, пристап до тајни и доверливи информации; да оценат дали Државата ги користи своите законски овластувања на законит начин; да оценат дали Државата транспарентно и точно ги објавува информациите за користењето и обемот на техниките и овластувањата за следење; и да објават периодични извештаи и други информации релевантни за следењето на комуникациите. Независните надзорни механизми треба да се воспостават дури и кога можеби постои систем за контрола што се обезбедува преку друга гранка на власта.

Интегритет на комуникациите и системите

За да се обезбеди интегритетот, безбедноста и приватноста на комуникациските системи, и како препознавање на фактот дека загрозувањето на безбедноста за државни цели секогаш претставува поопшто загрозување на безбедноста, Државите не треба да ги принудуваат обезбедувачите на услуги и продавачите на хардвер и софтвер да вградат можности за следење и следење во нивните системи, или да собираат и чуваат одредени информации само за потребите на следењето од страна на Државата. Од обезбедувачите на услуги никогаш не смее да се побара априори чување или собирање на податоци. Индивидуалните лица имаат право на анонимно изразување; Државите, значи, треба да се воздржат од барања за идентификација на корисниците како предуслов за обезбедената услуга.3

Заштитни средства во меѓународната соработка

Како одговор на промените во протокот на информациите, комуникациските технологии и услути, Државите можат да имаат потреба да побараат помош од странски обезбедувач на услуги. Соодветно, договорите за заемна правна помош (МЛАТ) и други договори потпишани од Државите треба да обезбедат дека, во случаите кога на следењето на комуникациите можат да се применат законите на повеќе од една држава, ќе се применува достапниот стандард што нуди највисоко ниво на заштита. Во случаите кога Државите бараат помош во решавање на кривични дела, ќе се применува принципот на двоен криминалитет. Државите не смеат да ги користат процедурите за заемна правна помош и барањата за заштитени информации што доаѓаат од странство за заобиколување на домашните законски ограничувања на следењето на комуникациите. Процедурите за заемна правна помош и другите договори треба да бида јасно документирани, достапни за јавноста и предмет на гаранции за правичност на процедурите.

Заштита од незаконит пристап

Државите треба да усвојат и спроведат законодавство за криминализација на следењето на комуникациите што го вршат јавни или приватни актери. Законот треба да предвиди доволни и значајни казнени мерки, во граѓанска и кривична постапка, заштита за „свиркачите“, и правни лекови за засегнатите лица. Законите треба да пропишат дека секоја информација добиена на начин што не соодветствува со принципите наведени овде ќе биде неприфатлива како доказ во секаква процедура, а тоа се однесува и на доказите што се изведуваат од таквите информации. Државите, исто така, треба да усвојат и спроведат закони што ќе обезбедат дека, откако материјалите собрани преку следење на комуникациите се искористени за целта за која била дадена информацијата, тие материјали ќе бидат уништени или вратени на индивидуалното лице.


  1. The term “due process” can be used interchangeably with “procedural fairness” and “natural justice”, and is well articulated in the European Convention for Human Rights Article 6(1) and Article 8 of the American Convention on Human Rights. ↩︎

  2. Комесарот за пресретнување на комуникации на Обединетото Кралство е пример за таков независен инструмент за контрола. Канцеларијата на комесарот за информации (ИЦО) објавува извештај што вклучува одредени збирни податоци, но не нуди доволно податоци за преглед на видовите на барања, опсегот на секое поединечно барање за пристап, целта и намената на барањата, и следењето што врз нив се применува. Види на http://www.intelligencecommissioners.com/sections.asp?sectionID=2&type=top ↩︎

  3. Извештај на Специјалниот известувач за унапредување и заштита на правото на слобода на мислење и изразување, Френк Лару, 16 мај 2011 година, A/HRC/17/27, para 84. ↩︎